Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, заменик-министерката Елфет Исмаили, генералите Мирче Ѓоргоски и Сашко Лафчиски, денес, во касарната „Јане Сандански“ во Штип присуствуваа на презентацијата на новопримените шест лесни оклопни возила JLTV кои се составен дел од формациските возила на Армијата.
Во рамки на денешната посета беше реализирана презентација на мисијата, задачите и развојот на лесната пешадиска баталјонска група, по што беше изведена кратка показна вежба, на која се презентираа можностите на овие најнови и најсофистицирани оклопни возила, како дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата, по што на присутните им се обратија претседателот на Владата, министерот за одбрана и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето обраќање изрази благодарност на амбасадорката Агелер за целокупната поддршка којашто ја дава во процесот на модернизација на нашата Армија.
„Да се заблагодарам на луѓето коишто се овде со нас, а се дел од вооружените сили на Соединетите Американски Држави коишто помагаат во модернизацијата и осовременувањето на нашата Армија. Истовремено ќе ми дозволите да искажам најголема благодарност до припадниците на македонските вооружени сили, коишто беа денеска со нас и коишто навистина на еден инспиративен начин направија презентација на предизвиците коишто следат, но и на тоа што треба ние како Влада да направиме во периодот којшто следи да исти тие ги модернизираме и да овозможиме услови за современа Армија која што ќе одговори на предизвиците за новото време“, истакна Мицковски.
Министерот за одбрана истакна дека соработката со нашиот стратешки партнер САД добива на интензитет.
„Денеска сме во касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде нашата декларирана единица, лесниот пешадиски баталјон кој до 2026 година ќе треба да биде подготвен за упатување во операции и мисии во случај на потреба. А за да биде оваа единица подготвена и опремена ние заедно со САД и останатите сојузници даваме максимален напор на тренинг, обука, едукација и модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите“, рече Мисајловски.
Министерот Мисајловски во своето обраќање изрази благодарност до Амбасадата на САД за развој и модернизација на Армијата, воедно истакнувајќи дека како министер за одбрана максимално ќе се посвети и ќе го даде својот придонес за унапредување на состојбата во Армијата, во развој на капацитетите како човечки, така и во опрема во соработка со Генералштабот, сојузниците и синдикатите во одбраната.
За време на денешната презентација, амбасадорката Агелер во своето обраќање изрази благодарност во име на Претседателот, Владата и Амбасадата на САД за почитувањето на обврските коишто државата ги презема кон Алијансата.
До сега се пристигнати 38 лесни оклопни возила, а до крајот на 2025 година треба да пристигнат уште преостанатите 58 возила кои се дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата, согласно НАТО стандардите.