Врз основа на донесените Укази на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денес во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, со воена свеченост се изврши примопредавање на должноста командант на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Должноста од досегашниот командант на 1.мпбр, полковник Драган Ковачки ја прими полковник Бесник Емини, кој досега ја извршуваше должноста началник на штаб во Здружената оперативна команда (ЗОК).
Пред стројот на бригадата и присутните гости, свои обраќања имаа командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски, досегашниот и новопоставениот командант на 1.мпбр, полковниците Драган Ковачки и Бесник Емини.
Генералот Арсоски оддаде признание на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати во периодот на неговото командување со бригадата, кој беше динамичен и исполнет со извршување на голем број задачи, а на новопоставениот командант, честитајќи ја новата должност му посака успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со бригадата во која претходно ја извршуваше должноста заменик на командантот.
Досегашниот командант на бригадата, полковник Драган Ковачки во своето обраќање пред стројот и присутните, заблагодарувајќи се за високиот професионализам и добиената поддршка од припадниците на бригадата, им порача да продолжат со тимско работење со гордост да го промовираат слоганот на единицата „Чест и сила“.
Новопоставениот командант полковник Бесник Емини во својот говор истакна дека претставува голема чест да се биде на чело на најголемата единица во Армијата, што истовремено е и голем предизвик.
Порача дека ќе го вложи целокупниот свој потенцијал при командувањето со бригадата со цел имплементирање на задачите кои произлегуваат од стратегискиот одбранбен преглед и членството во НАТО.
На крајот од свеченоста со церемонијално примопредавање на военото знаме на бригадата и официјално се изврши примопредавање на должноста командант на 1.мпбр, по што следуваше воено дефиле на ешалоните од потчинетите единици на бригадата.
На свеченоста присуствуваа: Заменикот на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, претставници од кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, министерството за одбрана и генералштабот на Армијата, воените аташеи и претставници од канцеларијата за врски на НАТО, поранешни команданти на бригадата и команданти на команди и единици на армијата.
Со денешното примопредавање на должноста командант на 1.мпбр, генералштабот на Армијата согласно дадените обврски ги изврши уредбите за поставувања и разрешувања донесени од Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.
Како најголема здружено-тактичка единица во составот на ЗОК, 1.мпбр преставува јадро на борбената сила на Армијата која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси, како и за поддршка при природни катастрофи и други опасности, што претставува и нејзина основна мисија.