Република Македонија и Армијата на Република Македонија (АРМ) се домаќини на состанокот на НАТО Постојаната група на партнерски логистички експерти (Standing Group of Partner Logistics Experts – SGPLE) кој ќе се одржува во период од 17-21.10.2016 година во Скопје.
На состанокот, покрај персоналот од АРМ, учествуваат претставници од: НАТО штабот во Брисел, НАТО здружената команда Брунсум, Европската команда на САД (EUCOM), воениот штаб на ЕУ (EUMS), Мултинационалниот логистички координативен центар (MLCC), Азербејџан, БиХ, Грузија, Црна Гора, Австрија и Украина. На активноста се поканети и ќе учествуваат и претставници од Министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи, за транспорт и врски и Царинската управа.
На состанокот кој е тематски ќе се разменат искуства на подрачјето „Поддршка на земјата домаќин“, односно разработување на начинот во планирање и реализација на логистичка поддршка при упатување на единици во мисии предводени од НАТО.
НАТО Постојаната група на партнерски логистички експерти (SGPLE) формирана во 2000 година, ги идентификува, развива и промовира сите способности за кои што партнерските земји членки на „Партнерство за Мир“ се подготвени да ги пружат за да придонесат за успешноста на операциите предводени од НАТО.
Состаноците на групата се одржуваат два пати годишно. Република Македонија зема учество во групата од 2004 година, а во месец мај 2006 година на пролетниот состанок беше земја домаќин во Скопје.
Во периодот од 2009-2010 година, Република Македонија како претседавач со групата при што оствари свое влијание врз темите и агендите во тој период, по што претседавањето се предава на Босна и Херцеговина.