Денес, 15-ти август, по повод Денот на АРМ пред зградата на МО и ГШ на АРМ се организира свечен собир на вработените во МО и ГШ на АРМ. На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана на Република Македонија Д-р Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик министерот за одбрана на Република Македонија Арбен Лабуништа, заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во МО на Република Македонија Сашо Стефановски, директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски и останати припадници на ГШ на АРМ и МО на Република Македонија.
„Армијата на Република Македонија со особена чест и гордост го прославува 22 роденден на Армијата, а 18 август не обврзува никогаш да не ги заборавиме хероите кои ја пролејаа својата крв на македонското бојно поле“ истакна во својот говор НГШ на АРМ. Генералот Котески во оваа прилика нагласи и дека од воена гледна точка, армијата даде максимум за НАТО, ги постигнаа стандардите, ги поддржуваше, соработуваше и постана препознатлив партнер со голем број признанија и искуство и дека таа и покрај неправдата за членство во НАТО и понатаму ќе продолжи со стратегиска цел да станеме дел од воено политичката алијанса чија одлука не зависи само од воената, туку и од политичката елита. Меѓу другото НГШ на АРМ даде и отчет за сработеното во оваа година, а ги истакна и главните приоритети за наредната година.
За време на свеченоста делегации предводени од Министерот за одбрана на Република Македонија, Началникот на Генералштабот на АРМ и претставници од семејствата на загинатите бранители од конфликтот во 2001 година положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители од 2001 година пред платото на МО/ГШ на АРМ.
На денешната свеченост беа прочитани наредби за унапредување и врачени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на ГШ на АРМ и МО на Република Македонија.