Денес, 8-ми јануари 2014 година, во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово, се одржа свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, Директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Обраќајќи им се на припадниците на контингентот, Началникот на ГШ на АРМ истакна дека главната придобивка од извршувањето на задачите во мисијата ИСАФ, претставува фактот што Република Македонија и АРМ делуваат како полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со сите партнери, заради што во изминатите години постанавме ценет и посакуван партнер, со што на најдобар начин ја покажавме посветеноста на државата кон регионалниот и меѓународниот мир и стабилност. Генералот Котески нагласи дека со овој контингент ќе се достигне бројката од 3000 припадници на АРМ кои учествувале во мисиите надвор од Република Македонија, што значи една третина од нејзиниот состав со искуство од вакви мисии, при што тој од припадниците на контингентот побара почитување на принципите и начелата во командувањето, одговорност, професионалност и храброст за време на извршувањето на задачите во мисијата ИСАФ.
Министерот Џафери во своето обраќање истакна дека е убеден во подготвеноста на контигентот за претстојната мисија, нагласувајќи дека мисијата и на овој контингент останува непроменета, посочувајќи дека задачата на припадниците на АРМ во мисијата ИСАФ е како наши најдобри амбасадори на мирот, да дадат придонес во зачувувањето и унапредувањето на мирот и стабилноста во Авганистан. Укажувајќи на фактот за високото вреднување и нашироко признатото учество на Република Македонија во меѓународните операции, Министерот Џафери нагласи дека со учеството во мировните операции, покажавме и докажавме дека сме одговорен член на меѓународната заедница кој обезбедува значаен и вреден придонес кон градењето на мирот и стабилноста во Евроатланскиот регион и пошироко.
Во шеснаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.