Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, по повод одбележување на 75-годишнината од формирањето на Алијансата, денес, со свое излагање, учествуваше на панел дискусијата на конференцијата „НАТО – 75 Години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа“.
На конференцијата организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, високи државни чинители, претставници на меѓународната заедница, експерти од областа на одбраната, безбедноста и меѓународните односи од земјата како и од регионот, заеднички дискутираа за актуелните безбедносни предизвици кои ја засегаат Европа и регионот, како и за неопходноста од поинтензивна соработка во услови на сè понеизвесни безбедносни и геополитички околности.
За време на панелот на тема „Предизвиците на националната безбедност и кризен менаџмент под чадорот на НАТО“ генералот Лафчиски го истакна нашето учество во мисиите надвор од земјата и придонесот кој како држава го даваме за колективната безбедност, процесот на модернизација и опремување на Армијата, исполнување на целите на способности како обврска кон НАТО и постигнување на целосна интероберабилност со сојузниците. На панелот беа поставувани бројни прашања околу улогата на Армијата за подобрување на националната безбедност, можноста за враќање на задолжителен воен рок и алатките кои земјата ги користи преку НАТО за подобрување на националната безбедност.