Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, учествува на Конференцијата на Воениот комитет (ВК) на НАТО, која се одржува во Брисел, Кралството Белгија и е првата редовна конференција оваа 2024 година.
Генералот Ѓурчиновски, заедно со началниците на Генералштабовите на армиите на земјите членки на НАТО и на Шведска, поканета за време на дводневната конференција, активно учествува во дискусиите за прашања кои се од стратегиско значење за Алијансата и секоја армија поединечно.
Притоа, во четирите денешни издвоени сесии се разгледани потребите и плановите за зголемување на интероберабилноста, зајакнување и развој на способностите и капацитетите, интегрирана противвоздушна и ракетна одбрана, прилагодување кон актуелните и идни закани и повеќе други прашања.
Темите се поврзани со сеопфатните планови за одбрана и одвраќање, прилагодени за новата ера на колективната одбрана на НАТО, со која се очекува континуирано зајакнување и модернизирање на структурата на силите.
На денешниот дел од конференцијата за првпат е одржана и сесија на Советот НАТО – Украина, каде во формат на началници на Генералштабови се разговараше за агресијата на Русија над Украина, актуелната ситуација и континуираната поддршка која се обезбедува од страна на НАТО за Украина.
Конференцијата ја раководи претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер, придружуван од командантот на Врховната Сојузничка команда, генерал Кристофер Каволи и заменикот на Сојузничката Врховна команда за трансформација, генерал Крис Бадиа. Свои обраќања на конференцијата имаа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и неговиот заменик Мирчеа Џоана.
За време на траење на конференцијата, генералот Ѓурчиновски имаше можност за разговори со своите колеги од НАТО за повеќе теми, кои се од взаемен билатерален интерес во полето на одбраната.
Во текот на утрешниот ден ќе следи и сесија на која ќе се одвиваат разговори со партнерите од Индо-пацифичкиот Регион, по што генералот Ѓурчиновски ќе оствари средба и со нашите старешини во мисијата на НАТО.