Денес 17 септември, во касарната „Јане Сандански“ – Штип, со воена свеченост припадниците од Вториот пешадиски баталјон (2.пб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа Денот на единицата, денот кога е формирана 14-тата Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада (ММНОУ) во село Митрашинци, Беровско.
По повод одбележување на Денот на единицата, делегации од претпоставената команда, единицата и членови на семејствата на загинатите припадници, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето „Македонија“ на влезот од касарната.
На свеченоста присуствуваа: командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски со дел од персоналот на командата и штабот на бригадата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, раководители на јавни институции и останати гости.
Пред стројот свое обраќање имаше командантот на 2.пб потполковник Ристо Стоев кој се осврна на историскиот пат на „ММНОУ“ (14-та Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада) и предизвиците со кои единицата успешно се справуваше во изминатиот период и ќе продолжи и понатаму со истото темпо на реализирање на доделените задачи за исполнување на поставените норми.
Обраќање имаше и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски кој меѓу другото истакна „Вие сте тие кои во изминатите години учествувавте на сите само оценувања и НАТО оценувања. Секојдневно работевте на приемот и опремувањето со лесните оклопни возила JLTV и STRYKER. Како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, поддржани од останатите единици од бригадата, во април оваа година успешно ја завршивте вежбата „БЛЕСОК 26“ и од страна на НАТО бевте оценети како „борбено подготвени за извршување на својата мисија“. Со овој ваш успех не се гордееме само ние, се гордее целата Армија, се гордее целата држава“. Во својот говор генералот Чиплаковски им оддаде почит и на „Шкорпионите“, кои учествуваа во формирањето на единицата во далечната 1996 година.
По повод Денот на единицата беше реализирана краводарителска акција со дарувани 45 крвни единици, додека за најдобра единица беше прогласен вториот вод од првата пешадиска чета на кој му беше врачен пехар и знаме, беа прочитани и стимулативни мерки за персоналот, а на институциите со кои единицата имаше успешна соработка при извршување на работните обврски и задачи им беа доделени благодарници.
ГЃ/ДЧ








