Меѓусебната соработка и претстојните заеднички активности на АРМ и командата на копнените сили на САД за Европа (УСАРЕУР), беше главната тема на денешната средба во генералштабот на АРМ помеѓу НГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и Заменик на командантот за прашања на националната гарда на копнените сили на САД за Европа, генерал-мајор Џон Гронски.
На средбата се разговараше и за заедничкото учество на АРМ и оваа команда на Армијата на САД во вежбата „Одлучен удар“, како позначајна заедничка активност во 2019 година, која ќе се реализира во месец јуни на Армискиот Полигон Криволак.
Генералот Гронски по одржаните состаноци во Генералштабот и Министерството за одбрана ќе го обиколи Армискиот полигон „Криволак“, каде ќе се запознае со капацитетите со кои располага полигонот, како и со активностите, обврските и одговорностите кои се дел од главната планирачка конференција за вежбата „Одлучен удар“.
На брифингот за вежбата од страна на директорот на вежбата, ќе се презентира планот за активностите на вежбата кој го изработуваат претставници на Армијата на Република Македонија, Вооружените сили на САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија.
Заедничката вежба „Одлучен удар“ ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија, а истата е дел од комплексот на вежби на УСАРЕУР во Црноморскиот и Балканскиот регион „Sаber Guardian 19“.