На Армискиот полигон „Криволак“, во кампот „Стрела“ со церемонијата по повод свеченото отворање на меѓународната теренска вежба „Одлучен удар”, започнаа официјално да се одвиваат и планираните активности на оваа вежба која ќе трае до 9-ти јули.
На отворањето присуствуваа заменикот на министерот за одбрана, г-дин Беким Максути, Заменик министерот за одбрана на Литванија, г-дин Витаутас Умбрасас, вршителката на должноста Амбасадор на САД во Република Северна Македонија, г-ѓа Микаела Швајцер-Блум, Амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија, г-дин Ангел Ангелов, Командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал мајор Павле Арсоски и претставници од Амбасадата на САД во Скопје.
На отворањето на вежбата на полигонот „Криволак“ заменикот-министер за одбрана, Беким Максути порача дека оваа, досега најголема вежба која ја организира нашата армија се случува во вистинско време во кое нашата држава е исклучително горда на постигнатото и дека Алијансата добива искрен и посветен сојузник. Заменикот-министер на војниците – учесници на вежбата и порача да бидат максимално посветени, отворени едни кон други, зашто тие се сојузници, дел од иста Алијанса. За полигонот „Криволак“ истакна дека е полигон кој ги нуди сите услови за реално извежбување.
В.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум се заблагодари и честита на Армијата за организацијата на вежбата. „Вежбите како „Одлучен удар“ играат важна улога во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност. Тие овозможуваат нашите армии да можат да комуницираат и да изведуваат заеднички операции. Тие ги поврзуваат нашите војници, градејќи меѓусебно разбирање и лични врски што траат и нас нè прават посилни“, истакна Швајцер Блум.
Исто така и командантот на здружената оперативна команда која е одговорна за извршување на вежбата, генерал мајор Павле Арсовски истакна: „Во годината кога НАТО одбележува 70-годишен јубилеј и додека тече процесот на ратификација на поканата за наше членство во НАТО во националните парламенти на 29-те држави членки, немаше подобар момент и тајминг за организација на вежба од ваков обем.
Директорот на вежбата, потполковник Игор Манасовски, обраќајќи се пред учесниците на вежбата истакна: „Вежбата „Одлучен Удар“ е национална здружена комбинирана вежба за интеграција, која во планирачкиот процес беше поддржана од повеќе од 80 офицери и подофицери од вооружените сили на САД, Албанија, Бугарија, Литванија, Црна Гора и Република Северна Македонија. На располагање ни се огромните можности за обука на полигонот „Криволак“, искористете ги. Научените лекции ќе бидат темелникот на кој треба да го градиме успехот на нашите заеднички операции. Условите за исполнување на оваа цел се најблаго речено спартански, но очекувам секој од вас да го презентира најдоброто од себе и својата единица.
На вежбата и претходеа неколку месечни индивидуални и колективни подготовки, со цел да се изврши обука и извежбување во разни ситуации. По завршување на свеченото отворање, во текот на попладневните часови во камповите „Оган“ и „Ливада“ ќе се изврши фамилијаризација со оружјето и опремата кое земјите учеснички ќе го користат за времетраењето на вежбата.
Целта на вежбата е споделување на стекнати знаења и размена на искуства помеѓу вооружените сили на земјите учеснички преку заедничко извршување на поставените задачи во текот на реализацијата на истата.