Заедничката воена вежба на Армијата на Република Македонија и командата на копнените сили на Армијата на САД за Европа, „Dragoon Guardian 17“ со влегувањето на конвојот на припадниците на вториот коњички полк на граничниот премин „Деве Баир“ го означи својот почеток.
Развиорените знамиња на Република Македонија и Соединетите Американски Држави кренати од страна на припадниците на двете армии во првото возило од конвојот симболично ја претстави една од целите на оваа билатерална вежба, зајакнување на довербата и билатералната соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Вооружените сили на САД.
Веднаш по влезот на стотината моторни возила и инженериски машини со 260 припадници на армијата на САД меѓу кои и осуммина припадници на АРМ од инженерискиот баталјон кои веќе еден месец се заедно со своите колеги од инженерискиот сквадрон денес го имаа и своето прво претставување пред јавноста во Куманово.
Со пригодна церемонија и обраќања од страна на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Зоран Милески, амбасадорот на САД во Р.Македонија Џес Бејли и градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски вежбата го отпочна и својот дел од цивилно воената соработка.
Во продолжение присутните граѓани кои беа во голем број имаа можност да проследат презентација на дел од воените возила и опрема на Армијата на САД, но и преку директна комуникација со припадниците на АРМ и армијата на САД поблиску да се запознаат со опремата и постапките и процедурите кои ги извршуваат припадниците на армијата на САД и АРМ.
Вежбата „Dragoon Guardian 17“ која ќе се одржува до 10.08.2017година покрај активностите на АП Криволак со изведување на заедничка обука ќе има претставување пред граѓаните во уште пет градови на Република Македонија.