генерал-полковник Драгољуб Боцинов
Роден е на 27 октомври 1933 година во Струмица, Р. Македонија, од мајка Марија и татко Панчо. Со сопругата Марија биле во брак од 1958 година, а татко е на едно дете, синот Александар, роден 1960 година.
Гимназија завршил во 1950 година во Струмица, Морнаричка воена академија во 1954 година во Дивуље кај Сплит, Противподморничка школа во 1963 година во Пула, Командно-штабна академија завршил во 1968 година (Дивуље-Сплит) и Школа за национална одбрана во 1973 година во Белград.
Произведен е во чин поморски потпоручник во 1954 година, а унапреден е во непосредно повисок чин, поручник на корвета во 1956 година. Во чин поручник на фрегата (капетан) е унапреден во 1963 година, во чин поручник на боен брод (капетан 1 класа) во 1965 година, во чин капетан на корвета (мајор) во 1969 година, во чин капетан на фрегата (потполковник) во 1973 година, во чин капетан на боен брод (полковник) во 1977 година, во чин контра адмирал (генерал-мајор) во 1983 година, во чин вице адмирал (генерал-потполковник) во 1988 година и во чин генерал- полковник е унапреден во1993 година.
Во својата кариера службувал во повеќе гарнизони на ЈНА, а подоцна и на АРМ, и тоа: Пула (1954-1963 и 1964-1966), Белград (1963-1964 и 1971-1973), Сплит (1966-1971 и 1983-1991), Шибеник (1973-1978 и 1981-1983), Кумбор (1978-1981) и Скопје (1992-1996), каде што извршувал повеќе должности:
- Командант на реморкер (1954-1955);
- Помошник на командантот на торпеден чамец (1955-1957);
- Командант на торпеден чамец (1957-1961);
- Помошник на командантот на патролен брод (1961-1964);
- Командант на патролен брод (1964-1966);
- Командант на противподморнички брод (1968-1969);
- Командант на дивизион на патролни бродови (1969-1971);
- Референт во отсек за Оперативно-наставни работи (ОНР), во Командата на воено-
- поморски сектор Шибеник (1973-1974);
- Началник на отсек за ОНР во Командата на воено-поморски сектор Шибеник (1974-1976);
- Началник на Штаб во Командата на воено-поморски сектор Шибеник (1976-1978);
- Командант на воено-поморски сектор Бока Которска (1978-1981);
- Командант на воено-поморски сектор Шибеник (1981-1983);
- Помошник на командантот за заднина на воено-поморска област Сплит (1983-1986);
- Командант на флота на Југословенската воена морнарица (ЈРМ) во воено-
- поморска база Лора, Сплит (1986-1988);
- Началник на Центарот за високи воени школи на воената морнарица во воено-
- поморска база Лора, Сплит (1988-1991);
- Распадот на СФРЈ и дезинтеграцијата на ЈНА го затекнала на должност, командант на комплексот Лора во Сплит, со целосна одговорност за неговата одбрана. Во еден момент добил наредба од врховната команда за ставање во борбена употреба на сите сили и средства за дејство врз градот Сплит, која без размислување, категорички ја одбил, поради што, во октомври 1991 година бил уапсен и стациониран во истражен затвор во Белград, а во јуни 1992 година бил осуден на 18 месеци затвор со можност до правосилноста на пресудата да се брани од слобода, по што на 26.06.1992 година се вратил во Р. Македонија, а на 01.08.1992 година стапил на служба во АРМ, на должност „заменик на началникот на Генералштабот на АРМ за кадровски прашања и школски систем“ (1992-1993);
- Началник на ГШ на АРМ (1993-1996).
Во текот на службата добивал бројни пофалби, награди, признанија и други стимулативни мерки за својот професионален придонес во задачите кои ги извршувал, а меѓу другото е одликуван со:
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви во 1959 година;
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда во 1965 година;
- Орден за воени заслуги со голема ѕвезда во 1973 година;
- Орден на Народната армија со златна ѕвезда во 1977 година;
- Орден на трудот со златен венец во 1979 година;
- Орден на братството и единството со сребрен венец во 1984 година.
Пензиониран е во јануари 1996 година, а починал на 18 март 2006 година. Неговото вечно почивалиште се наоѓа во Скопје.