Во пресрет на новогодишните празници на 27.12.2013 година питомците од Центарот за обука на питомци од составот на Командата за обука и доктрини реализираа хуманитарна акција во Посебното основно училиште „Златан Сремац“ во Скопје.
Идните офицери на АРМ самоиницијативно со Командантот на ЦОП потполковник Звонимир Савески, собраа заеднички парични средства од припадниците од Центарот за електронско извидување, Воената академија, како и сите вработени во касарната „Гоце Делчев“. Питомците доброволно се откажаа од својата дневна ужина попозната како маренда за цела една недела, и дел од своите нови тетратки со што направија 135 новогодишни пакетчиња.
Посетата на училиштето помина во една празнична атмосфера и дел од питомците кои присуствуваа во училиштето имаа можност да бидат гости на новогодишната претстава организирана од самите ученици и наставници, кои на тој начин им се заблагодарија на питомците за добиените новогодишни пакетчиња и аудио системот кој им го подарија за помошно средство при реализација на наставата .
Учениците беа пресреќни од посетата на „војниците“ како што децата ги нарекуваат и ги испратија со војнички поздрав и желба пак да бидат посетени.