На AП „Криволак“ денес се реализираше пригодна свеченост за примопредавање на должност командант на Центарот за поддршка на обуката, а воедно и унапредување на новопоставениот командант потполковник Горан Кимов, во Командата за обука и доктрини (КОД). Должноста командант на Центарот за поддршка на обуката од потполковник Здравко Пејовски ја прими новопоставениот и унапреден во чин потполковник Горан Кимов.
Во своето обраќање, заменик- командантот на КОД, полковник Лулзим Нуредини на досегашниот командант му упати искрени честитки за успешното командување и раководење со единицата и му посака здравје и успех во иднина. Додека пак на новопоставениот командант, потполковник Горан Кимов, му порача да продолжи посветено во работата за успешно презентирање и развој на капацитетите за обука како на АП „Криволак“, така и на останатите кампови.
Досегашниот командант на ЦПО се заблагодари на целокупниот персонал за несебичното залагање, како и за испомош во модернизацијата на ЦПО, а на потполковникот Кимов му посака успешно извршување на задачите и внесување на нова енергија за остварување на поставените цели.
Потполковникот Горан Кимов во својот говор се заблагодари за довербата која му е дадена за поставувањето на должноста командант на ЦПО и истакна дека заедно со персоналот ќе продолжат да го градат најголемиот капацитет за обука на нашата Армија, подготвувајќи го во целост да ги дава најдобрите услови за обука на единиците од нашата Армија.
За време на свеченоста на поранешниот командант потполковник Пејовски Здравко му беше врачена плакета, како знак на благодарност и почит од страна на припадниците на ЦПО/КОД.