Денес во касарната „Алексо Демниевски-Бауман”, Велес се реализира воена свеченост по повод давањето заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Октомври“ 2014 година.
На свеченоста присуствуваа Министерот за одбрана на РМ г-дин Зоран Јолевски, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, бригадниот генерал Стојан Димчов, бригадниот генерал Павле Арсоски, претставници од единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Министерот Јолевски во обраќањето на денешната свеченост, посочи дека во наредните месеци мисијата на војниците е да ги научат тајните на војничката вештина. Помош и поддршка, додаде министерот, ќе имате од искусните инструктори од Центарот за индивидуална обука во Командата за обука и доктрини.
Обраќајки им се на роднините на пријавените војници на доброволно служење воен рок, министерот рече дека вработените во Министерството и припадниците на Армијата ќе сторат сè за да придонесат кон развојот на вештините и знаењата на војниците. „Воената професија денес е високо вреднувана вештина. Вашите синови и ќерки го одбраа вистинскиот пат“, рече министерот Јолевски во обраќањето.
Командантот на Команда за обука и доктрини полковник Љупчо Костовски на војниците во својот говор им порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Стекнатите знаења и трудот понатаму ќе бидат вреднувани, тоа ќе биде еден од елементите за оние кои сакаат во иднина да ја изберат војничката професија.
Во дваесет и четвртата генерација на војници на доброволно служење на воениот рок, заклетва дадоа 226 војници меѓу кои 14 припаднички од понежниот пол. Граѓаните на Република Македонија кои имаат отслужено доброволен воен рок се база за понатамошна селекција за идни професионални војници во Армијата на Република Македонија.