Во касарната „Алексо Демниевски-Бауман” – Велес, се одржа свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Јуни 2016 година“.
За време на дваесет и деветтата генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок заклетва дадоа 68 војници, од кои 5 се припаднички од понежниот пол.
На свеченоста присуствуваа: Заменикот министер за одбрана, г. Беким Максути, Заменикот началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, Државниот секретар во МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова, Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, претставници од верските заедници, роднини на војниците како и други гости.
Во своето обраќање, Заменикот министер за одбрана, г. Беким Максути им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во наредните три месеци во редовите на АРМ. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за надградба во воената професија и се креира база за понатамошна селекција во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Газменд Абдиу во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Стекнатите знаења и вложениот труд секако дека понатаму ќе бидат вреднувани и ќе бидат еден од елементите за сите оние кои ќе ја изберат својата идна професија како професионални војници и старешини во редовите на Армијата на Република Македонија.