Со свечено постројување во Командата за обука и доктрини на АП Криволак започна со реализација основната воена обука на втората група на професионални војници кои ќе го посетуваат Основниот курс за подофицери. На обуката присуствуваат вкупно 55 слушатели професионални војници од различни единици на Армијата.
На свеченоста присуствуваше командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев, кој во своето обраќање им порача посветено да се ангажираат во процесот на обука. Вложениот труд и стекнатите знаења при реализација на предвидените активности ќе им помогнат да се изградат како високо мотивирани и физички подготвени подофицери на Армијата.
Низ процесот на обуката на курсот, слушателите ќе имаат можност да се запознаат и оспособат за изведување на борбени задачи, почитувајќи ги стандардните процедури што се од суштинско значење за успешно извршување на мисијата, ќе се запознаат и со системот за управување со процесот на обуката, со лидерството како основен елемент на борбената моќ на Армијата.
Обуката и активностите кои ќе се реализираат за време на курсот за подофицери се во согласност со препораките и насоките спроведени со протоколите за заштита од ширење на COVID-19.