Командантот на Здружено оперативната команда бригаден генерал Зоран Милески оствари средба со штабните офицери на АРМ кои заминуваат во командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСА ГГ) во мисијата „Одлучна поддршка“.
За време на средбата, генералот Милески им порача дека од нив се очекува достојно и професионално извршување на задачите со што би го задржале и унапредиле нивото на нивните претходници, за што се добиени и многу признанија од надлежните авторитети.
На штабните офицери им претходеше соодветна стручна подготовка, што претставува потврда за успешно извршување на мисијата и одговор на предизвиците со кои ќе се соочат во следните шест месеци на должностите во рамките на командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСА ГГ).
Претходно во касарната „НХ Кузман Јосифовски Питу“ беше реализирано и испраќање на единицата за заштита на силите на главната команда кои заминуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Армијата на Република Македонија преку учеството во мисијата „Одлучна Поддршка“, како и во останатите мисии предводени од ЕУ и ОН го потврдува својот придонес во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност.