На ден 27.04.2021 година, командантот и дел од персоналот на 15.инженериски баталјон од Вооружените сили на САД (15.инжб/ВС на САД) стационирани на АП „Криволак“ реализираа работна посета на Командата за операции (КО) и инженерискиот баталјон (инжб/КО). На средбите присуствуваа и претставници од Канцеларијата за соработка во одбраната при Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
На работните средби беа анализирани постигнатите резултати од заедничката обука на двете инженериски единици и се разговараше за активностите кои ќе следат за целосна реализација на предвидените проекти на АП „Криволак“. Од страна на командантот на КО, генерал-мајор Павле Арсоски и двајцата команданти на инженериските единици беше изразено задоволство од постигнатите резултати, од способноста, професионализмот и вештините со кои располагаат припадниците на двете инженериски единици.
На АП „Криволак“ се изградија или реконструираа сообраќајници за негово целосно инфраструктурно поврзување. Исто така, изградени се или се во завршна фаза магацините, полетно-слетната писта, платформите, извршено е уредување на логорите и реализирани се низа други активности, се со цел да се овозможат оптимални услови за реализација на вежбата „Одлучен удар 21“. Воедно, со заедничката обука и размената на искуствата на двете инженериски единици уште повеќе се зајакнува постојаното партнерство со САД и се подобрува интероперабилноста според стандардите на НАТО.
При работната посета гостите од ВС на САД ја посетија спомен-собата на инженериската бригада на Генералштабот на НОВ и ПОМ, каде се запознаа со историјата на славната единица формирана на 13.11.1944 година.