На ден 21.03.2014 година во гарнизоните: Куманово, Скопје, Штип, Тетово, Кичево и Прилеп припадниците од Здружената Оперативна Команда (ЗОК) и првопотчинетите команди и единици (ппе) традиционално ја подржаа еколошката акција „Ден на пролетта“ која оваа година се оддржува и под мотото: „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“.
Во еколошките активности се засадија повеќе стотина садници од рози, други видови на цвеќиња но и млади садници од чемпрес на повеќе локации во касарните, особено во деловите кои се наоѓаат покрај фрекфентните улици каде што се движат голем број возила.
Во пресрет на оваа кампања чија цел е заштитата и унапредувањето на животната средина и природа веќе неколку дена во сите касарни каде се лоцирани единиците од составот на ЗОК се изведуваше и чистење и средување на круговите на касарните.
Исто така припадници од составот на 1.механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) од Куманово активно се вклучија во проектот за пошумување на опожарени и оголени површини организиран од ЈП „Македонски Шуми“ подружница Куманово, во реонот на општина Липково при што беа засадени околу 25 000 садници.
Ова е показател и дополнителен мотив за понатамошна поддршка на акции од ваков тип бидејки заштитата и унапредувањето на животната средина и природа се повеќе се наметнува како синоним на стратегијата на човековиот опстанок и зачувување на квалитетот на нашето живеење.
Во изминатите години припадниците на Армијата на Република Македонија активно се вклучуваат во сите акции од доменот на екологијата и заштитата на животната средина и даваат активен придонес во зачувување на животната средина воопшто.