Во касарната „Илинден“ во Скопје, ренџерите кои од оваа година се интегриран дел од извидувачко разузнувачкиот баталјон, со воена свеченост го одбележаа 20 години од денот на формирањето на ренџерскиот баталјон кој го одбележуваат како Ден на единицата.
Ренџерскиот баталјон беше формиран во 2003 година како резултат на соединување на припадници од тогашните единици извидувачкиот баталјон и Падобранскиот одред. Ренџерите во изминатите 20 години се препознатлива единица со извршување на специфични алпинистички задачи на непристапен терен и со своите алпинистички вештини се имаат истакнато во повеќе реални ситуации.
На денешната свеченост на која присуствуваше заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин пред присутните се обратија командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на единицата потполковник Николчо Јованов.
Во своето обраќање, генералот Емини кој е и поранешен командант на единицата им го честита Денот на единицата истакнувајќи дека Ренџерскиот баталјон која согласно новата структура се трансформира во извидувачко разузнавачки баталјон секогаш ќе остане една од нашите елитни единици.
Командантот на извидувачко разузнувачкиот баталјон потполковник Јованов во своето обраќање истакна дека со професионализам и достоинство ренџерите, ќе продолжат да ги извршуваат задачите со нивното мото „СЕКОГАШ ЧЕКОР ПОНАПРЕД“.
На свеченоста присуствуваа и командантите од единиците стационирани во касарната „Илинден“, претставници од МВР, генералштабот, министерството за одбрана, поранешни команданти и претставници на организации со кои соработува единицата.
На свеченоста на припадници од оваа единица кои оствариле особени резултати во работата им се доделија пофалници и стимулативни мерки.
Припадниците на Ренџерскиот баталјон во изминатиот период во пресрет на денот на единицата организираа хуманитарна акција а беа организирани и ренџерски спортски игри по кој повод денес на победниците им се доделија признанија.