Денес во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост се одбележи 13 ноември – Денот на Инженерискиот баталјон (инжб). На свеченоста присуствуваа командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, команданти на единици од Армијата и поранешни команданти на инжб.
Пред присутните се обрати командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, во својот говор ја истакна посветеноста и професионалноста на припадниците на инжб, кои при извршување на своите активности поголем дел од работното време во годината се далеку од својата матична единица и своите домови. Од големо значење се новодобиените инженериски машини и моторни возила – самоистоварувачи, кои овозможуваат уште поквалитетно да се извршуваат инженериските задачи. Исто така истакна дека инжб ја има целосната поддршка од КО и нема никаков сомнеж дека и во иднина инженерците ќе продолжат посветено, професионално и ефикасно да ги реализираат своите работни обврски и задачи.
Командантот на инжб, потполковник Илчо Заковски во својот говор истакна дека инжб, како носител на инфраструктурни проекти за потребите на Армијата, во изминатата година како примарна задача го имаше оспособувањето на армискиот полигон „Криволак“ според стандардите на НАТО. За таа цел, се реализираше и заедничка обука и вежба со 15.инженериски баталјон на Воените сили на САД стационирани во Европа. Тој потсети дека во изминатиот период инжб даде инженериска поддршка и мобилност на единиците на Армијата, поддршка на цивилните структури, гасење на пожарите како и поддршка на Министерството за здравство во справувањето со пандемијата на Корона вирусот со обезбедување на вакциналните пунктови на локации во град Скопје.
Во склоп на активностите по повод Денот на единицата, инжб реализираше доброволно дарување на крв во соработка со Црвениот крст и одделот за трансфузиологија во ГОБ „8 Септември“ во Скопје со 25 крвни единици.
Свеченоста заврши со читање на честитки по повод празникот и доделување на стимулативни мерки, по што следеше ТТ збор со дел од машините и моторните возила со кои располага единицата.
Со одлука на претседателот и врховен командант на државата за продолжување на традициите од историско значење, овој ден е одреден за ден на единицата како носител на традициите на Инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија.
СЈ/ЧС