На 6 мај 2025 година, дечињата и воспитувачите од Јавната установа за деца – Детска градинка (ЈУД-ДГ) „25 Мај“ – Скопје, заедно со учениците и наставниците од Основното општинско училиште (ООУ) „7 Март“ – Скопје, во рамки на програмата за цивилно-воена соработка, реализираа посета на воздухопловниот ВИНГ.
За време на посетата, посетителите имаа можност одблиску да се запознаат со работата на воздухопловниот персонал, да слушнат за секојдневните задачи на пилотите и техничарите, како и да ги разгледаат воздухопловите што беа изложени специјално за нив. Посебно внимание привлече можноста децата и учениците да влезат во леталата, да поставуваат прашања и да добијат интересни информации директно од членовите на екипажите.
Овој настан е уште еден пример за посветеноста на воздухопловниот ВИНГ во градењето на партнерство и разбирање со цивилните институции, како и во запознавањето на младите генерации со важноста и улогата на воздухопловството во служба на државата. Вакви активности се планираат и во иднина со повеќе образовни и предучилишни установи од различни градови и општини во државата.