Воено Медицинскиот Центар (ВМЦ) во состав на бригадата за логистичка поддршка (брЛП) од Здружената Оперативна Команда (ЗОК) од денес 27.08.2015 година е под раководство на нов командант.
Примопредавањето на должноста командант помеѓу досегашниот командант на ВМЦ полковник Душан Стојановиќ и новопоставениот командант потполковник Ирена Минева се реализира на воена свеченост во кругот на командата на брЛП во Скопје.
На свеченоста присуствуваа Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Мухамет Рацај, командантот на ЗОК бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, командантот на брЛП, претставници од ГШ на АРМ и од останатите команди и единици на АРМ.
Во својот говор по повод смена на командантите од страна на командантот на ЗОК генералот Ѓурчиновски се потенцираше значењето кое оваа мултидисциплинарна воена установа го има за АРМ и за сите нејзини припадници. Притоа одаде признание на сите припадници на медицинскиот персонал од АРМ, кои дадоа и даваат голем придонес во афирмацијата на АРМ и Република Македонија особено со активностите кои ги имаше мобилната полска болница Ниво 2 во досегашните оценувања и учество во досегашните вежбовни активности на единиците на АРМ,како и учеството во мисиите АЛТЕА и ИСАФ.
Притоа на досегашниот командант на ВМЦ му се заблагодари за досегашното командување, вложениот личен придонес и постигнатите резултати на единицата. На новопоставениот командант потполковник Минева и честита за поставувањето на новата должност и посака успешно раководење и командување со единицата и одлучно да одговори на сите предизвици кои ќе се испречуваат во понатамошниот период.
Со свои говори се обратија досегашниот командант на ВМЦ полковник Душан Стојановиќ кој се заблагодари на персоналот и претпоставените за досегашната поддршка.
Новиот командант на ВМЦ, потполковник Ирена Минева која истакна дека со работа и максимално залагање ќе ја оправда дадената доверба, на персоналот од составот на ВМЦ порача заеднички да придонесат за постигнување на поголеми успеси и поголема афирмација на центарот.