Во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со воена свеченост и предавање на военото знаме се изврши примопредавање на должноста командант на 3. пешадиски баталјон (3.пб) од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр) од Командата за операции.
Должноста командант на 3.пб од потполковник Игор Станковски ја прими потполковник Томица Ристоски, кој досега извршуваше должност во ГШ на Армијата.
На свеченоста, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски истакна: „Да се застане на чело на ваква единица со припадници кои се високо мотивирани, професионални, обучени и компетентни потребен е командант кој што поседува исклучителни лидерски вештини и способности. Потполковник Ристоски го презема баталјонот во исклучително важен период на преструктуирање на единицата со цел соодветен одговор на предизвиците произлезени од нашето членство во НАТО“. Бригадниот генерал Лафчиски им упати честитки на досегашниот и на новопоставениот командант.
Досегашниот командант, потполковник Игор Станковски се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста, додека новопоставениот командант истакна дека крајно совесно и одговорно ќе командува со единицата и се заблагодари за довербата која му е дадена за оваа должност.
Од припадниците на баталјонот на досегашниот командант му беше врачена плакета со логото на единицата.
На денешната свеченост присуствуваа началниците на секции од командата на 1.пбр, команданти на единиците од составот на 1.пбр и останати гости.
ГЃ/СЛ