НАТО советодавниот тим во Република Северна Македонија реализираше издвоени посети на Командата за операции и 1. пешадиска бригада (1.пбр), со цел споделување на искуства и поддршка во процесот на трансформација на лесната пешадиска борбена група (ЛПБГ), како наша најголема декларирана единица од составот на 1.пбр.
Тимот, предводен од шефот на Канцеларијата на НАТО за врски, полковник Зоран Јанкович, за време на престојот во 1.пбр од страна на штабот и командантот на бригадата, полковник Бесник Емини беше брифиран за процесот на трансформација на силите, персоналот, вооружувањето, опремата и обуката, како и за досегашниот тек на процесот на трансформација и модернизација на 1.пбр и потчинетите единици.
Полковникот Јанкович ја искажа подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката во остварување на целите и задачите за полесно совладување на предизвиците, кои би се појавиле во процесот на имплементација на обврските кои ни претстојат како земја членка во НАТО.