Командантот на инженерскиот баталјон (инжб), заедно со командирот на командна чета и главниот подофицер, во период од 22 до 25.05.2017 година го посетија 15-тиот инженериски баталјон на Армијата на САД во Европа (15.engbn/US force-Europe). Ова е возвратна посета, бидејќи во месец јануари оваа година тим од Воените Сили (ВС) на САД реализира посета на инжб.
Претставниците од инжб, во базата во градот Графенверг, СР Германија, каде е стационирана инженерската единица на ВС на САД, ги пречека командантот, потполковник Џефри Хол со клучниот персонал.
За време на посетата се реализираа повеќе активности со цел запознавање со формациската структура, материјално-техничките средства со кои располага единицата и задачите кои ги извршува. Претставниците од инжб имаа можност да ја разгледаат базата во Графенверг, полигоните за обуки и авто-паркот каде се чуваат и одржуваат техничките средства.
Оваа посета е во соработка помеѓу Канцеларијата за билатерална соработка на Армијата на ВС на САД и Армијата на Република Македонија за 2017 година. Во Графенверг неколку дена претходно се одржа и вежбата „Saber Junction 17“ на која учествуваа и осум припадници од инжб. Командантот на 15-тиот инженериски баталјон на Армијата на САД во Европа на командантот на инжб му изразил пофални зборови за професионализмот и високиот степен на обученост на припадниците од инжб кои учествуваа на вежбата.
Со взаемните посети на двете инженериски единици, како и учество на вежбата „Saber Junction 17“ продолжува континуитетот на соработка меѓу армиите на САД и Република Македонија.