Со денешната проверка на елементите кои подлежат на оценување во мирновремените локации на декларираните единици на АРМ од состав на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и ренџерска чета (рч) во гарнизоните: Скопје, Петровец, Прилеп, Штип и Куманово, започнаа активностите на теренската вежба „Македонски Блесок-13“.
Во склоп на вежбата во период до 06 октомври, ќе се изврши реоценување на спбг и оценување на рч, согласно НАТО концептот за оперативни способности -ниво 2, од страна на оценувачки тим составен од НАТО и национални претставници.
Целта на НАТО оценувањето, ниво 2, е да се оцени борбената готовност и способноста на овие декларирани единици на АРМ за извршување на мисијата во пет различни области: планови, операции, логистика, врски и администрација.
За секоја област се одредени лидери на тимови и соодветен број на оценувачи зависно од обемот на оценување. Оценувањето се изведува во 2 фази и тоа оценување на мирновремена локација и на терен. На крајот од оценувањето ќе биде потпишан формалниот извештај од страна на НАТО набљудувачите и директорите на оценувањето по што резултатот ќе им биде соопштен на оценуваните единици.
Високите оценки кои ги добивме од НАТО во претходното оценување на спбг, но и при извршувањето на мировните мисии и успешно изведените вежби за претходните оценувања на останатите декларирани единици, се голем поттик за успешна реализација и на оваа, од многу аспекти комплексна вежба.
Вежбата „Македонски Блесок-13“ е вежба со единици на терен базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО/ЕУ, а под мандат на ОOН, со која треба да се демонстрира борбената готовност на декларираните единици за употреба во НАТО – предводените операции.