Во период од 28 април до 7 мај 2025 година, во организација на Одделот за медицинска обука (ОМО) при Военомедицинскиот центар (ВМЦ), се реализираше Курс за тактичко згрижување на повредени (TCCC – Tactical Combat Casualty Care). Наставата ја реализираа инструктори од Одделот за медицинска обука и Воената амбуланта во ВМЦ, Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, Баталјонот на специјални сили и Баталјонот за логистичка поддршка под супервизија на инструктори од Швајцарските вооружени сили. Слушатели на курсот беа сертифицирани животоспасувачи од Армијата на Република Северна Македонија, кои имаа можност да ги усовршат и надградат вештините за згрижување на животозагрозувачки повреди при интензивни борбени дејства.
Во текот на завршната вежба во касарната „Илинден“, пред присутните претставници од нивните матични единици, слушателите ги презентираа научените техники, вештини и принципи на медицинско згрижување во тактичко-борбени услови. Теоретските предавања и практичните извежбувања се во согласност со најновите стандардизирани медицински насоки. Слушателите успешно го завршија курсот и се здобија со интернационално признаен сертификат.