Во текот на реализацијата на вежбата „Блесок 26“ на армискиот полигон „Криволак“, на ден 23.04.2026 година, единиците од Лесната пешадиска баталјонска група реализираа активности за дејствување во услови на контакт со нуклеарна, хемиска и биолошка (НХБ) закана, со цел проверка на нивната подготвеност за навремена и ефикасна реакција.
Сценариото опфати детекција и идентификација на контаминација, известување, како и примена на мерки за лична и колективна заштита. Единиците постапија согласно стандардните оперативни процедури, демонстрирајќи високо ниво на координација, дисциплина и способност за дејствување во сложени и ризични услови.
Во завршната фаза беа реализирани активности за деконтаминација, овозможувајќи безбедно продолжување на задачите.
Паралелно со НХБ активностите, инженерискиот елемент од ЛПБГ реализираше задачи за откривање, обезбедување и неутрализација на неексплодирани убојни средства и импровизирани експлозивни направи, со што се обезбеди безбедно движење и дејствување на единиците на терен.
Реализацијата на активностите на вежбата се одвива согласно планираната динамика, при што се потврдува борбената подготвеност и способноста на ЛПБГ за справување со НХБ закани, како и ефикасното дејствување во услови на присуство на неексплодирани убојни средства и импровизирани експлозивни направи.








