Вчера (17.05.2014 година), припадниците на АРМ кои беа дел од хуманитарниот конвој на Република Македонија безбедно пристигнаа во вечерните часови во Република Србија.
Во текот на денешниот ден, припадниците на АРМ успешно ги извршија добиените задачи кои им беа доделени од страна на воспоставениот кризен штаб за подрачјето на градот Обреновац. Голем број на жители од неколку села покрај Обреновац кои се во голема мерка зафатени од поплавите, денес се евакуирани со товарните возила и чамците на АРМ, а агрегатите и останатата опрема и материјални средства се ставени во употреба за потребите на важни објекти на институциите на Република Србија во загрозениот регион. Во Босна и Херцеговина вчера АРМ испрати три илјади ќебиња кои се пристигнати во оваа република.
Денес, во телефонски разговор, благодарност до Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, искажаа началниците на генералштабот на Војската на Србија генерал Љубиша Диковиќ и на заедничкиот штаб на Вооружените сили на Босна и Херцеговина генерал-мајор Анто Јелеч. Припадниците на АРМ и во наредните денови ќе бидат ангажирани во согласност со потребите на теренот, а АРМ ќе биде подготвена да одговори на евентуалните барања во согласност со можностите и врз база на одлуките на надлежните органи во Република Македонија.