Спецификацијата на „Брз Лав 14“ ја дефинира главната цел на вежбата како сертификација на штабот на ЕУБГ 2014-2 за исполнување на листата на суштински задачи и способноста на командата на ЕУБГ да одговори на предизвиците во реонот на упатување. Составен дел на овој елемент од борбената група се и тројца штабни офицери и еден подофицер од АРМ.
Планирањето на операциите е прерогатив на комбинираната здружена секција 5, каде е распореден потполковникот Ѓоко Максимов, а за советник за заштита на силите на командантот на ЕУБГ 2014-2, во составот на командната група, во здружениот реон на операции е поставен мајорот Игор Манасовски од составот на ЗОК на АРМ. Од составот на 1.мпбр, капетанот Јовица Мартиновиќ и постариот водник Игор Стоименов, ги извршуваат должностите офицер за операции во оперативниот центар и подофицер во секцијата за психолошки операции на штабот на ЕУБГ.
Учеството во рамките на планирачкиот процес, како и извршувањето на редовните задачи во рамките на штабот на ЕУБГ, за персоналот од АРМ претставува надоградување на веќе стекнатите знаења од доменот на работните места. Исто така, доделената доверба претставува добра можност за промовирање на интероперативноста на штабните постапки и процедури во меѓународно опкружување.
Во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на вежбата и обиколката на командантот на ЕУБГ и на оперативната команда на Европската Унија на учесниците и на штабот на вежбата.