Во рамките на меѓународната воена вежба „Здружена Реакција-17“, денес на армискиот полигон „Криволак“ беше реализирана програма за Денот за посетители на која присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески, воените аташеи акредитирани во Република Македонија, претставници на канцеларијата за врски на НАТО и други гости.
Пред посетителите, учесниците на вежбата „Здружена Реакција-17“ демонстрираа различни борбени постапки и ситуации, како пребарување на населено место со кордонирање и евакуација на ранети и повредени со хеликоптер, при што беше прикажана врвна обученост и извежбаност.
Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски обраќајки се пред присутните гости истакна дека: „Во изминатите 4 дена до израз дојдоа способностите, извежбаноста, обученоста и вештините на единиците учеснички на вежбата, период во кој имавме можност да видиме како една иста задача, на свој начин и со свои тактики, техники и процедури ја реализираат офицерите, подофицерите и војниците од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, националните гарди на сојузните држави на САД, Вермонт и Минесота, како и 709-тиот баталјон на 18-тата воено-полициска бригада на силите на САД во Европа и војниците од баталјонот на воената полиција на АРМ“.
Со реализацијата на вежбата се овозможи размена на искуства и способности, со цел зголемување на меѓусебното разбирање на воено полициските капацитети на вооружените сили од А5 иницијативата, а со тоа се создадоа предуслови за несомнен успех при реализација и планирање на идните заеднички операции.