Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска учествуваше на панел-дискусијата во рамки на серијалот „Дијалог за Историја и Стратегија“, која се одржа во Порта Македонија. Настанот беше организиран од страна на Институтот за национална историја – Скопје во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Темата понуди длабока анализа на современите безбедносни предизвици преку насловот „Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“. Во фокусот на дискусијата беа промените во начинот на кој се организираат и дејствуваат современите вооружени сили. Посебен акцент беше ставен на технолошкиот напредок, вклучувајќи ги беспилотните системи, вештачката интелигенција, електронското војување и мрежното командување, кои директно ја менуваат динамиката на бојното поле, при што беа анализирани и стратегиските капацитети како што се логистиката, индустрискиот капацитет и брзината на адаптација во кризни состојби.
На денешната панел дискусија, генералот Лафчиски се осврна на историскиот континуитет на воената мисла и потребата од правовремена доктринална адаптација на современите армии, истакнувајќи:„Технологијата ги поттикнува револуционерните промени, но адаптацијата, лидерството и човечкиот потенцијал одредуваат како тие ќе се преточат во воена и стратегишка победа. Технологијата сама по себе не може да менаџира сè што е потребно за успех на бојното поле. Таа ви дава предност, но за стратегишка победа е потребна еволуција. Тоа јасно се гледа и во Украина – иако употребата на дронови, вештачка интелигенција и сензори е импресивна, клучната точка на крајот е секогаш иста: кој е способен побрзо да се прилагоди.“
За време на панелот, присутните развија дискусија преку историска перспектива, почнувајќи од искуствата од Заливската војна во 1991 година, конфликтите на Балканот, Авганистан и Ирак, па сè до војната во Украина. Притоа се дебатираше дали светот денес сведочи на континуирана еволуција или на целосна револуција во воените работи, рефлектирано преку призмата на колективната одбрана на НАТО.
На панелот присуствуваа акредитирани воени аташеа во Република Северна Македонија, како и експерти од академската заедница. На настанот, исто така присуствуваа претставници, професори и студенти од Воената академија, а модератор на дискусијата беше доц. д-р Зоран Иванов.








