Припадници од неколку единици на Армијата на Република Македонија заедно со припадници на Армиите од уште 23 земји од НАТО и Партнерството за мир (ПЗМ), од денес и официјално ги започнуваат активностите на меѓународната вежба „Анаконда-16“ која ќе трае до 17ти Јуни и ќе се изведува на неколку локации во Република Полска.
Со денешната свечена церемонија во националниот одбранбен универзитет во Варашава Република Полска и на местата каде се стационирани единиците, официјално се означи почетокот на меѓународната вежба „Анаконда-16“ која е меѓу најголемите вежби организирани во Европа во последните неколку децении, со учество на 31.000 војници од сите видови и родови на Армиите на земјите од НАТО и ПЗМ.
Армијата на Република Македонија учествуваат со 157 свои припадници во состав од пешадиска чета, вод на воена полиција, припадници од полкот за специјални операции и штабен персонал, кои во деновите кои следат рамноправно со останатите учесници ќе ја покажат компатибилноста со НАТО стандардите во изведување на сложени борбени операции.
Впрочем, интероперабилноста, соработката меѓу земјите членки на НАТО и ПЗМ, како и градење на меѓусебна доверба за заедничко учество во меѓународни здружени операции е една од главните цели на изведување на оваа вежба во организација на Армијата на Соединетите Американски Држави во Европа и Вооружените Сили на Република Полска.
Со учеството на оваа голема здружена вежба АРМ како и досега покажува дека е оспособена за спроведување на НАТО стандардите и оперативните процедури и рамноправно да учествува во секаков вид на сложени вежби и операции за поддршка на мирот и безбедноста заедно со партнерските земји членки на НАТО.