Денес, 6 октомври 2017 година, заврши НАТО реоценување на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и НАТО оценување Ниво 2 на ренџерска чета (рч), во согласност со каталогот за здружени капацитети и способности на НАТО од 2016 година.
Во изминатиот период спбг и рч се оценуваа според главната листа на настани и инциденти меѓу кои како позначајни ги издвојуваме: артилериски напад на база, АБХ одбрана, евакуација на повредени, справување со демонстранти, контрола на толпа, борбена патрола, обезбедување на база, кордон и пребарување. Крајот беше крунисан со изведување на офанзивни борбени дејства од страна на спбг, со што оценувањето беше завршено.
Како што беше истакнато при иницијалното соопштување на оценките на командантите на декларираните единици од страна на набљудувачите и директорите на оценувањето, сите предвидени активности согласно листата на инциденти се извршени на највисоко професионално ниво, а официјалното известување ќе биде доставено дополнително од страна на НАТО.
Од директорот на вежбата беше прогласен крај на вежбата, со што истата е завршена.