Припадници од полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија со припадниците на 68-та бригада за специјални операции на бугарската армија ги отпочнаа вежбовните активности на билатералната вежба JCЕТ (Joint Combined Exercise Training) Пловдив.
Вежбата која официјално започна на ден 07.05.2018 година, е дел од билатералната соработка помеѓу единиците за специјални операции на двете држави, а нејзината цел е да ја унапреди синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на специјални операции на армиите на двете држави.
На вежбата, која ќе трае до 18.05.2018 година, ќе учествуваат припадници на баталјонот за специјални намени – волци, и припадници на 2.от баталјон за специјални сили на 68-та бригада за специјални операции.
Во првиот дел на вежбата се изведува заедничка подготвителна обука и размена на стекнатите искуства на двете единици. Подготвителната обука за вежбата беше спроведена на тактичките полигони во близина на Пловдив, а беше од повеќе теми од доменот на специјалните операции.
Вториот дел на вежбата ќе биде изведен во близина на македонско-бугарската државна граница, каде ќе бидат прикажани способностите на припадниците на двете единици во извршување на специјални задачи.