Денес (02.10.2014 година) Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески присуствуваше на тактичка вежба со боево гаѓање на тема: „Засилен тенковски вод во напад“ која се одржа на Армискиот полигон (АП) Криволак.
Тактичката вежба ја реализираа припадниците на оклопниот баталјон (окб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр), а покрај НГШ на АРМ на вежбата присуствуваа: Командантот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) генерал-мајор Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски и припадници на ЗОК и 1.мпбр.
На вежбата беше демонстриран висок степен на обученост, при што беа постигнати одлични резултати на програмските гаѓања со посадите на тенкот Т-72. Покрај тактичката извежбаност, програмските борви гаѓања се реализираа низ уништување на непријателски оклопен транспортер и пешадија со употреба на топ и спрегнат митралез, како и гаѓање на нисколетечки цели во воздухот.
Началникот на ГШ на АРМ на припадниците на окб им оддаде признание за одличните резултати постигнати на гаѓањето, нагласувајќи го значењето на обуката на посадите со тенкот Т-72.
Боевите гаѓања се дел од програмските гаѓања со вооружувањето на оклопно механизираните единици и претставуваат круна на борбената обука на тенковските единици. Посадите на тенкот Т-72 претходно мораа успешно да ги поминат школските и подготвителните гаѓања како услов за извршување на боевите гаѓања.