Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, денес учествува на деветтата Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од балканските земји, која се одржува во Будва, Црна Гора.
На конференцијата во Будва, покрај началникот на ГШ на Војската на Црна, адмирал Драган Самарџиќ како домаќин, ќе учествуваат и началниците на генералштабови од осум земји од Балканот и тоа: Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција и Црна Гора. Покрај началниците на генералштабови од армиите на балканските земји, како гости ќе присуствуваат: заменикот на НГШ на Вооружените сили (ВС) на Словенија, заменикот на НГШ на ВС на Хрватска, заменикот на Преседавачот нс Воениот комитет на НАТО и Командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол.
Одржувањето на балканската конференција на началниците на генералштабови, претставува резултат на иницијативите и заложбите за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот, кои имаат за цел промовирање на мирот и стабилноста на Балканот и пошироко.
Во фокусот на годинешната конференција е понатамошното јакнење на добрите меѓусоседски односи и соработката на полето на одбраната во насока на зацврстување на безбедноста на Балканот и пошироко. На деветтата средба, лидерите на армиите од земјите на Балканот, порачаа дека овој форум, претставува синоним за взаемно разбирање и конструктивна меѓуармиска соработка во целиот регион. Во таа насока, заклучено е дека армиите во регионот ќе продолжат со напорите за развој на проектите за конкретна соработка, особено на полето на обуката и вежбите, како и изнаоѓање на нови форми и области за соработка.
На маргините од конференцијата, се очекува генералот Сејдини да оствари повеќе билатерални средби со дел од учесниците на конференцијата и со командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол.