На 03.10.2015 година, Армијата на Република Македонија учествуваше во акцијата на Министерството за животна средина и просторно планирање „Македонија без отпад 2015“, со која беше предвидено расчистување на депонии во повеќе урбани локации на целата територија на Република Македонија се реализираше владината еколошка акција за чистење „Македонија без отпад 2015“. Во оваа масовна акција беше вклучена и невладината асоцијација „Ајде Македонија“, други владини, невладини и меѓународни организации во Република Македонија, а беше поддржана и од Европскиот Парламент.
Целта на акцијата е да се исчисти отпадот кој се наоѓа на несоодветни места во околината и населените места, но и развивање на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот.
Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана беа дел од координативното тело на Владата на Република Македонија во кое за организација на акцијата се вклучени и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерство за образование и наука, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за здравство и Агенцијата за млади и спорт.
Во акцијата „Македонија без отпад 2015“ беа вклучени 70 припадници на АРМ кои зедоа учество на централниот настан од кампањата кој се одржа во општина Ѓорче Петров, а учество зедоа и во Кичево, Прилеп и други општини.
Од страна на организаторот беше упатена благодарност за учеството на АРМ во спроведувањето на акцијата, при што беше потенцирана придобивката од соработката со армијата.