Денес (15 октомври 2015 година) со високи воени почести во ГШ на АРМ беше пречекана висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, предводена од Началникот на ГШ генерал Драго Ловриќ кој се наоѓа во официјална посета на АРМ.
Во обраќањето пред медиумите Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, соработката со ВС на Република Хрватска ја оцени како одлична, при што посебно се осврна на реализацијата на заеднички проекти во рамките на САД-Јадранската група и заедничкото учество во мисијата ИСАФ во Авганистан, при што го нагласи проектот на школото на Воена полиција на Авганистанските безбедносни сили, каде лидер беше токму Хрватска. НГШ на АРМ истакна дека билатерната соработка со ВС на Република Хрватска ќе продолжи да се унапредува, со нагласок на нови проекти кои ќе дадат придонес за побрз прием на Република Македонија во НАТО.
Изразувајќи задоволство од одличната соработка со АРМ, генералот Ловриќ го нагласи заедничкото распоредување на двете армии во операциите за поддршка на мирот, како израз на огромната доверба, што се продолжува и во рамките на учеството на вежбите, како и во реализација на проектите во рамки на ,,паметна одбрана“ и друга воено-техничка соработка. Во оваа прилика началникот на ГШ на ВС на Хрватска ја истакна школувањето на високи офицери и подофицери во воено-образовните институции на Република Хрватска, при што тој со особена гордост ја истакна нивната ангажираност. Генералот Ловриќ ја потенцираше безрезервната поддрка од страна на Република Хрватска за влез на нашава држава во НАТО, при што нагласи дека припадниците на ВС на Република Хрватска ќе дадт се таа поддршка да биде искажана.
Заменикот на министерот за одбрана Иљми Селами , на средбата со НГШ на ВС на Република Хрватска, искажа благодарност до Република Хрватска и нејзините вооружени сили за сестраната поддршка на евроатланските интеграции на Република Македонија, при што нагласи дека соработката на полето на одбраната помеѓу двете земји во наредниот период ќе се развива во нагорна линија.
На средбата во ГШ на АРМ, покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, се разговараше за искуствата од учеството во меѓународните мисии, како и разгледување на безбедносната состојба во регионот, со осврт на емигрантската криза.
За време на престојот во Република Македонија, НГШ на ВС на Република Хрватска, ќе го посети Центарот за обука на пилоти каде ќе биде запознаен со капацитетите и можностите за обука.