Во рамките на дводневната официјална посета на АРМ, командантот на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Брус Клинган, денес во Генералштабот (ГШ) на АРМ беше пречекан од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.
За време на престојот во ГШ на АРМ, адмиралот Клинган оствари средба со министерот за одбрана, Талат Џафери.
На разговорите во ГШ на АРМ пред адмиралот Клинган од страна на ГШ на АРМ беа презентирани трансформацијата на АРМ, искуствата од мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН, декларираните капацитети на АРМ за поддршка и учество во мисиите и учеството во пост-ИСАФ.
Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески на разговорите ја потенцираше заложбата и аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во НАТО, како и посветеноста на АРМ за понатамошно одржување на достигнатите интероперативност и оперативна способност за учество во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН. Тој посебно го нагласи спроведувањето на Концептот за оперативни способности на НАТО, кој АРМ доследно го применува за оценување на своите декларирани единици, при што потсети на претстојното оценување на средната баталјонска пешадиска група и полската болница – рол 2 кое ќе се реализира во текот на месецов.
Адмиралот Клинган истакна дека е импресиониран од придонесот кој Република Македонија и АРМ го даваат со учеството во мировните мисии, додавајќи дека соработката со АРМ игра значајна улога во реформските процеси на Армијата, како и во донесувањето на важни одлуки во планирањето на операциите на Алијансата. На крајот, тој искажа благодарност за поддршката на АРМ на силите на КФОР во Косово, како и за придонесот во мисиите АЛТЕА во Босна и Херцеговина и ИСАФ во Авганистан, додавајќи дека денешната посета ќе даде нов импулс во односите помеѓу Командата на здружените сили на НАТО во Неапол и АРМ.