Во период од 09-29.08.2018 година во касарната Илинден и на полигоните за обука во РМ специјалните сили на РМ и на САД одржаа заедничка обука.
Фокусот на обуката беше ставен на пренесување на искуствата и стекнување на нови знаења од доменот на индивидуалната и колективната обука. Целта беше градење на способностите на специјалните сили за спроведување на здружени мултинационални операции, развој на јазични вештини, како и подобрување на степенот на интероперативност на специјалните сили (СС) на САД со СС на РМ.
Крајна цел на заедничката обука беше да се постигне ефикасност за исполнување на основните задачи на специјалните сили: директни акции, специјално извидување и посебен акцент на военото асистирање при извршување на операции за стабилизација и поддршка на мирот.
Концептот за реализација на заедничката обука беше поделен на два дела. Првиот дел во времетраење од две недели се реализираше во гарнизонот Скопје, а вториот дел во времетраење од една недела се реализираше во вид на теренска вежба на АП „Криволак“.
Динамичкиот план за заедничката обука беше според НАТО концептот за борбена група за специјални операции (БГСО/SOTG) и борбен елемент за специјални операции (БЕСО/SOTU). Преку имплементација на концептот се реализирани цели на обуката и тоа во доменот на формирање на издвоена оперативна база, процес на донесување на воена одлука, планирање на мисии, КиК на ниво БГСО-БЕСО, боеви борбени гаѓања на кратки и долги растојанија, блиска урбана борба со акцент на претрес и собирање на потребни информации за целната група, тактичко згрижување на ПРЗ при извршување на борбени мисии, планинско војување и воена алпинистика.
Со меѓусебната соработка, размена на искуства и научени лекции, и меѓусебното разбирање на тактичките способности на специјалните сили, ќе се постигне повисоко ниво на здружена способност за справување со идните безбедносни предизвици во РМ и поширокото безбедносно опкружување.
Во период од 1995 г. до 2018г. реализирани се 12 заеднички обуки помеѓу СС на ВС на САД и бСН.
Во своето обраќање командантот на баталјонот за специјални намени на учесниците напомена дека, потребата од интензивниот распоред за обука за време на вежбата беше заснована на три столбови, кои се интегрирани во визијата и намерата на Командантот на пСО, бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев: извежбување и ажурирање на тактиките техниките и процедурите во согласност со современите глобални закани, имплементација на Концептот на НАТО за развивање и одржување на БГСО/БЕСО (Борбена група за специјални операции/Борбен елемент за специјални операции) и реорганизација на основните задачи на бСН, со силен акцент на военото асистирање како прв приоритет.
Сите три столбови имаат единствена цел, да обезбедат успешен придонес со сили во сегашните и идните НАТО-водени операции, со надеж како единица од НАТО земја членка.
ЗБ/СН