Во Домот на АРМ во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на Армијата на Република Македонија, на кој Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски го информираше Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили, Ѓорге Иванов за состојбата во армијата во текот на 2018 година.
На брифингот присуствуваа: Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, генералите во АРМ и претставници од кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Претседателот Ѓорге Иванов, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2018 година, за функционалните области во АРМ: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воената соработка.
Од страна на генералот Ѓурчиновски беа истакнати позначајните активности во текот на 2018 година, и проблемите со кои се соочуваше армијата, притоа беше посочено дека со залагање на персоналот се извршени сите планирани задачи.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на ГШ на АРМ кон Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Армијата за реферирање за состојбата на борбената готовност во АРМ.