генерал-потполковник Мирослав Стојановски
Генерал-потполковник Мирослав Стојановски е поставен за Началник на ГШ на АРМ во јуни 2005 година, период кој е препознатлив по исклучителната динамичност на процесите во АРМ. Генералот Стојановски како Началник на ГШ на АРМ покажа исклучително лидерство во напорите за успешно спроведување на реформите во АРМ, со цел таа да се трансформира во пофлексибилна, мобилна Армија со поголеми можности за извршување на мисии.
Генералот Стојановски е роден на 10 јули 1959 во Скопје, Република Македонија. Основно училиште завршил во Скопје, а од 1974 до 1978 ја завршил Воената Гимназија во Белград. Од 1978 до 1982 студирал во Воената Академија на Копнената војска, каде дипломира како потпоручник на родот пешадија. Во 1983 година, го завршува курсот за Воена Полиција. Генералот Стојановски во 1996 година дипломира на Командно-Штабната академија во Скопје, а во 1998 година на одбранбениот НАТО Колеџ во Рим.
За време на неговата кариера, генералот Стојановски извршувал различни должности: командир на вод и чета на Воена Полиција од 1982 до 1989 година, командир на анти-терористичка чета како и заменик на командант на баталјон на Воена Полиција од 1989 до 1991 година. Од 1992 до 1994 година, ја извршува должноста Началник на одделение за Воена Полиција во Секторот за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана. Во 1994 година, генералот Стојановски е поставен за командант на Одредот за специјални намени во Министерството за одбрана. Во периодот од 1998 до 1999 година извршува должност во Кабинетот на Началникот на ГШ на АРМ, а подоцна е поставен за заменик на Началникот на одделението за стратегиски истражувања во ГШ на АРМ. Од 2000 до 2001 година извршува должност раководител на катедра за физичко образование и спорт во Воената Академија „Михаило Апостолски“ во Скопје. Во 2001 година е унапреден во чин бригаден генерал и ја презема должноста командант на 1.пешадиска бригада, а во чин генерал-мајор е унапреден во 2003 година, кога е и поставен за Заменик на НГШ на АРМ.
Во 2006 година, генералот Стојановски е унапреден во чин генерал-потполковник.
Генералот Стојановски е оженет со г-ѓа Маргарита и имаат три деца. Има одлично познавање на Англискиот јазик, а негово хоби се: риболовот и фудбалот.