генерал-мајор Ѓорѓи Бојаџиев
Роден е на 31 март 1950 година во село Ново Село, Струмица, Република Македонија, од мајка Илинка и татко Илија. Оженет е со сопругата Софија и во брак се од 1974 година, а татко е на два сина, Илија (1975) и Александар (1979).
Завршил Гимназија во 1969 година, а потоа своето образование го продолжил на Воена академија на Копненaтa војскa на ЈНА и истата ја завршил во 1973 година. Командно-штабна академија завршил како припадник на АРМ во 1995 година, а Школо за национална одбрана завршил во Франција, во 2001 година.
Во чин потпоручник бил произведен во 1973 година, а во чин поручник е унапреден во 1974 година. Во 1977 година е унапреден во чин капетан, а три години подоцна, во 1980 година и во чин капетан 1. класа. Во чин мајор е унапреден во 1986 година, во чин потполковник во 1991 година, а во чин полковник во 1997 година. Чин бригаден генерал добил во 2002 година, а во чин генерал-мајор е унапреден во 2004.
Во својата кариера, службувал во неколку гарнизони во Р. Македонија, и тоа, Штип (1973-1975 и 1984-1992), Делчево (1975-1984), Струмица (1992-1995), Кочани (1995-1997) и Скопје од 1997 година, па се до своето пензионирање во 2005 година, извршувајќи повеќе должности:
- Командир на вод (1973-1975);
- Помошник на командантот за морално политичко воспитување (1975-1978);
- Заменик командант на баталјон (1978-1981);
- Командант на баталјон (1981-1984);
- Помошник на началникот на штаб за пополна и персонални работи (1984-1985 и 1991);
- Помошник на началникот на штаб за оперативно наставни работи (1985-1989);
- Началник на Штаб во дивизија (1989-1990);
- Помошник на началникот на штаб за разузнавачки работи (1990-1991);
- Командант на моторизирана бригада (1992-1995);
- Командант на дивизија (1995-1997);
- Началник на одделението за обука на старешини и школување на кадри (1997-2000);
- Началник на управата за операции, готовност и обука во ГШ на АРМ (2001-2002);
- Командант на гранична бригада (2002-2003);
- Помошник на началникот на Генералштаб за планирање и началник на Г-3 (2003-2004);
- Началник на Генералштаб на АРМ (2004-2005).
Во текот на долгогодишната професионална служба повеќепати добивал пофалби, награди и други признанија, како заслуга за својата беспрекорна посветеност и залагање во армиската служба, пред се во унапредувањето и усовршувањето на армијата и армиските процеси, а меѓу другото е одликуван и со:
- Медал за воени заслуги во 1978 година;
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви во 1985 година.
Пензиониран е на 30.09.2005 година.