генерал-полковник Трајче Крстевски
Роден е на 3 декември 1938 година во село Бузалково, Велес, Р. Македонија, од мајка Родна и татко Јован. Оженет е и татко е на две деца.
По завршувањето на основното образование, завршил Гимназија, по што продолжил на Воената академија на Копнената војска на ЈНА и истата ја завршил во 1961 година. Виша воена академија завршил во 1974 година, а Школа за народна одбрана во 1980 година.
Во чин потпоручник е произведен во 1961 година, а во чин поручник е унапреден во 1964 година. Во чин капетан е вонредно унапреден во 1966 година, во чин капетан 1. класа во 1969 година, во чин мајор во 1974 година, во чин потполковник во 1978 година, а во чин полковник е унапреден во 1984 година. Во чин генерал-мајор бил унапреден во 1990 година, во чин генерал-потполковник во 1995 година и во чин генерал-полковник е унапреден во 1997 година.
Во својата професионална кариера како офицер на ЈНА, службувал во гарнизоните: Сињ (1961-1964), Бенковац (1964-1970), Тетово (1970-1972), Белград (1972-1974), Штип (1974-1983), Скопје (1983-1985), Битола (1985-1987) и Ријека (1987-1991), а по формирањето на АРМ, својата служба ја продолжил во гарнизонот Скопје (1991-2000). Во текот на службата, извршувал повеќе должности:
- Командир на вод (1961-1964);
- Командир на чета (1964-1972);
- Командант на баталјон (1974-1976);
- Командант на партизанска дивизија (1976-1979);
- Началник на оперативен отсек во пешадиска дивизија (1980-1983);
- Командант на бригада (1983-1985);
- Началник на дивизија (1985-1987);
- Началник на корпус (1987-1992);
- Заменик-началник на Генералштабот на АРМ (1992-1996);
- Началник на Генералштабот на АРМ (1996-2000).
За својата професионална ангажираност низ кариерата како висок воен офицер и неговите заложби во раководењето и командувањето со дел од армиските структури, како во ЈНА, така и во АРМ, особено во периодот на нејзините почетоци, добивал бројни признанија и награди, а меѓу другото е одликуван и со:
- Орден на братството и единството со сребрен венец;
- Орден на Народната армија со златна ѕвезда;
- Орден за воени заслуги со златни мечеви;
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда;
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви;
- Медал за 20 години ЈНА;
- Медал за 30 години ЈНА;
- Медал за 30 години од победата над фашизмот;
- Медал за 40 години ЈНА;
- Медал „UNICEF” за припадниците на ЈНА од текот на Суецката војна во Египет.
Автор е на стручно-специјалистичките трудови: „Пешадиска дивизија во одбрана”, труд кој воедно е и дипломска работа за КША и „Проблеми на командувањето и раководењето на оперативно-стратегиско ниво” и „Корпус во одбрана”, трудови за Командно-штабна воена вежба.
Пензиониран е во 2000 година.