Во Здружената оперативна команда (ЗОК) се одржа состанок на командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски со главните и првите подофицери во потчинетите команди и единици на ЗОК.
Командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски го отвори состанокот и во воведниот збор ја истакна улогата и значењето на подофицерскиот кор во АРМ, за што говори и неговата заложба во повеќе сегменти во изминатиот период. Особено ја потенцираше улогата на главните и првите подофицери како компетентни тренери со развиени лидерски карактеристики и способности и еден од главните столбови во изведување на воената обука, синоним за професионализам, стручно знаење и едуцираност.
На состанокот командантот на ЗОК истакна дека подофицерите во ЗОК, во наредниот период потребно е да работат на подигање на физичката подготвеност на подофицерите и професионалните војници, а посебно внимание да посветат на реализација на обуката.
Во завршниот збор командантот на ЗОК ја потенцираше потребата од почитување на Концептот за професионален развој на подофицерскиот кор, воспоставување на стандарди за менаџирање со персоналот, како и почитување на редот и дисциплината на подофицерите во ППЕ во ЗОК.
ЧС/БН/ПА