Денес, со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово, припадниците на 1. механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) од составот на 1.мпбр го одбележаа денот на единицата „26-ти февруари“ – денот кога во 1944 година во селото Жегљане, Кумановско, беше формирана 3-та МНОУБр (Македонско Народно Ослободителна Ударна Бригада).
На свеченоста присуствуваа, началникот на штаб во ЗОК, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од ЗОК, командантите на баталјони од составот на 1.мпбр, поранешните команданти на 1.мпб, припадници на Сојузот на борци од Куманово, локалната самоуправа, граѓански здруженија и организации од зоната на одговорност со кои 1.мпб има долгогодишна соработка.
На свеченоста по повод денот на 1.мпб, пред стројот на баталјонот и присутните гости со свои говори се обратија командантот на 1.мпбр, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 1.мпб, потполковник Стојанче Костов.
По свечените говори за историскиот пат на 3-та МНОУБр, работата и достигнувањата на припадниците на 1.мпб во обуката, секојдневните активности, во мировните операции надвор од Републиката, учеството во меѓународните вежби и идните активности на баталјонот, првиот вод од трета механизирана пешадиска чета беше прогласен за најдобра единица во баталјонот за 2018 година. На крајот припадниците на 1.мпб пред присутните гости на прославата изведоа и свечено дефиле.
По повод Денот на баталјонот, беа унапредени, наградени и пофалени одреден број на професионални војници, подофицери и офицери од баталјонот кои особено се истакнале во работата и обуката а со тоа дале и свој придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата.
Во рамките на одбележувањето на денот на единицата, припадниците на 1.мпб во изминатите денови реализираа неколку активности од кои ги издвојуваме крводарителната акција во соработка со Црвениот Крст и хуманитарната донација во облека, прехранбени продукти и средства за лична хигиена за децата во Домот за деца без родители во Куманово.
ГЃ/СМ/ЧС/БН