На 6 октомври 2026 година, во командата на Сквадронот за обука и тренинг (сОТ) при воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) беше реализирана акредитациска посета од страна на претставници од НАТО иницијативата за европска обука на воени пилоти (NFTE).
Во рамките на посетата учествуваа: заменик-командантот на вВИНГ, раководителот на Воениот воздухопловен авторитет при Министерството за одбрана, националниот претставник во NFTE и партнерството за поддршка со Агенцијата на НАТО за поддршка и набавки (NSPA), како и припадници од клучниот персонал на вВИНГ.
Акредитацијата беше насочена кон оценување на школско-тренажните капацитети за обука на пилоти, при што истовремено беа реализирани работни разговори посветени на предизвиците со кои се соочува сОТ. Посебно внимание беше посветено на степенот на усогласеност на постојните капацитети и процедури со релевантните НАТО стандарди и воспоставените практики.
Размената на искуства и професионални согледувања придонесе кон идентификување на можностите за понатамошно унапредување на системот за обука и тренинг, како и кон развивање и афирмирање на капацитетите на сОТ во рамки на НАТО системот за летачка обука.









